Од научната лабораторија до лековите кои денес го менуваат пристапот кон дијабетесот и дебелината – приказната за GLP-1, односно глукагон-сличниот пептид-1, има и македонска трага. Реномираната научничка и истражувачка Светлана Мојсов има клучен придонес во откривањето на биолошки активната форма на GLP-1 и во докажувањето дека овој хормон го стимулира лачењето на инсулин. Токму овие истражувања подоцна ќе станат дел од научната основа за развојот на цела класа терапии за дијабетес и дебелина, меѓу кои и семаглутидот – активната состојка во Оземпик и Вегови.